Yusuf Hatip
07 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
КАЛЕ (AA) - Голем број бегалци ја минуваат и оваа зима во шатори во близина на пристаништето во францускиот град Кале, јавува Anadolu Agency (AA).
По уривањето на бегалскиот камп „Џунгла“, бегалците останаа без покрив над главите. Надевајќи се дека ќе стигнат до Велика Британија, и овие зимски денови ги поминуваат во многу тешки услови.

Бегајќи од војна и сиромаштија, од Етиопија и Еритреја преку Италија тргнаа на „патот за спас“. Тие стигнаа до Франција, каде што и денес се наоѓаат. Со месеци поминуваат без пари, гладни и на температури под нулата.
Во шаторите се наоѓаат од крајот на 2016 година, кога беше срушен еден од најопасните бегалски кампови „Џунгла“. Тие живеат во шатори што се сместени во кал и помеѓу ѓубре. Добиваат ограничена помош во храна од разни невладини организации.

Сонот им е да стигнат до Велика Британија. Тоа им дава надеж и сила да ги преживеат условите во кои се наоѓаат.
Тимот на АА, покрај огнот, го запозна Абдула од Етиопија, којшто се обидуваше да ги загрее рацете. Како што рече, во групата има околу 200 луѓе, повеќето од нив се на возраст од 18 до 19 години. Тој истакна дека никој не им помага.
„Тешко ни е во шаторите, неподносливо е да живееме во ѓубре и кал. Слушнавме дека полицијата наскоро ќе ги тргне и овие шатори, а потоа не знам што ќе правиме“, рече Абдула.

Како што рече, веќе шест месеци се на тоа место. Дека е тешко смета и Омер кој спие со неколку слоеви облека врз него.
Омер кажа дека невозможно е да се згреат шаторите. Тој истакна дека најголем проблем е опасноста од разни болести.
По уривањето на бегалскиот камп „Џунгла“, евидентиран е пораст на бегалците на улиците во Кале.