Ahmed Asmar
25 Ноември 2024•Ажурирај: 26 Ноември 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку четворица Палестинци се убиени во израелски воздушен напад во јужниот дел на Газа денес додека Тел Авив продолжува со смртоносната офанзива северно од енклавата, изјави медицински извор, јавува Анадолу.
Изворот додаде дека неколку луѓе биле повредени и во нападот што се случил во областа Мусабех во северниот дел на Рафа.
Израелската артилерија ја гранатираше и северната страна на бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, при што беа повредени неколку лица, рече изворот.
Од 5 октомври, Израел започна голема копнена операција во северниот дел на Газа за наводно да го спречи прегрупирањето на палестинската група на отпорот Хамас. Палестинците, сепак, го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш, ниту една хуманитарна помош, вклучувајќи храна, лекови и гориво, не беше дозволена во областа, оставајќи го најголемиот дел од населението таму на работ на неизбежен глад.
Според палестинските здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 2.000 луѓе.
Директорот на болницата Камал Адван, Хусам Абу Сафија, апелираше да се дозволи влез на лекови и медицинска опрема за болниците во северниот дел на Газа.
Во кратката изјава, тој предупреди дека прекинот на медицинските услуги во северна Газа ќе ги влоши веќе влошените хуманитарни услови во областа.
Во нападите на израелската Армија од 7 октомври 2023 година врз Појасот Газа досега се убиени 44.200 луѓе, главно жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во четвртокот издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговата брутална војна против Газа.