Ikrame Imane Kouachi
12 Април 2025•Ажурирај: 14 Април 2025
АНКАРА (АА) - Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) алармираше за рапидниот раст на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа, известува Анадолу.
„Сите основни залихи се при крај во Газа. Тоа значи дека бебињата и децата си легнуваат гладни“, рече во соопштение Џулиет Тума, директорка за комуникации на агенцијата.
„Поради шестнеделната израелска опсада која го блокираше влезот на хуманитарната помош, резервите на храна речиси исчезнаа, пекарите се затворени и гладот продолжува да се шири“, објави агенцијата.
УНРВА нагласи дека „е потребна итна интервенција за да се спречи продлабочувањето на хуманитарна криза“.
Израелската армија ги обнови смртоносните напади врз Газа на 18 март, прекршувајќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници кој беше воведен во јануари.
Повеќе од 50.900 Палестинци се убиени во Газа, воглавно жени и деца, во бруталните израелски напади од октомври 2023 година.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.