Ikrame Imane Kouachi
05 Април 2025•Ажурирај: 07 Април 2025
АНКАРА (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) денес предупреди на уште една хуманитарна катастрофа во Појасот Газа по прекршувањето на прекинот на огнот минатиот месец, јавува Анадолу.
Во соопштението по повод Денот на палестинските деца, се нагласува дека „колапсот на примирјето предизвика уште еден бран на раселувања, кој само во периодот од 18 до 23 март зафати над 142.000 луѓе“.
„Од почетокот на војната во Газа, околу 1,9 милиони луѓе, меѓу кои и илјадници деца, минаа низ постојано принудно раселување во услови на бомбардирање, страв и загуби“, се нагласува од УНРВА.
„Јана е една од нив“, се додава, осврнувајќи се на дете кое го запознале во август 2024 година и повторно го сретнале на крајот на март годинава.
Израел ги продолжи нападите во Газа на 18 март, со што е прекршен двомесечниот прекин на огнот.
Над 50.600 Палестинци се убиени во енклавата во воената офанзива на Израел од октомври 2023 година, повеќето од нив жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.