Ahmed Asmar
01 Јануари 2025•Ажурирај: 01 Јануари 2025
ГАЗА (АА) - Најмалку 17 Палестинци се убиени првиот ден од 2025 година во израелските напади во Појасот Газа, соопштија медицински извори, известува Анадолу.
Израелско беспилотно летало погоди куќа во бегалскиот камп Бурејџ во центарот на Газа, убивајќи една жена и едно дете, и рани неколкумина, извести медицински извор.
Израелската артилерија ги гранатираше источните и северните делови на камповите Бурејџ и Нусејрат, но нема информации за евентуални жртви.
„15 луѓе се убиени, а неколкумина се ранети, меѓу кои има и деца, во воздушен напад врз куќа во северниот град Џабалија“, информираше друг медицински извор.
Очевидците рекоа дека израелските сили продолжиле да креваат во воздух куќи и станбени згради во Бејт Лахија и Џабалија во северниот дел на Газа.
Во јужниот дел на Газа, неколку лица се повредени во воздушен напад врз куќа во областа Ал-Фухари, во источниот дел на Хан Јунис.
Израелската војска спроведува геноцидна војна во Газа убивајќи повеќе од 45.500 Палестинци од 7 октомври 2023 година, главно жени и деца, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Во ноември, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.