Mehmet Nuri Uçar
29 Март 2024•Ажурирај: 30 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската војска уби 13 Палестинци во нападите извршени во различни делови на Појасот Газа, а десетици се ранети, главно жени и деца, пренесува Анадолу.
Според палестинската официјална новинска агенција ВАФА, убиени се 12 луѓе, а голем број се ранети во бомбардирањето на израелските авиони на градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Локалното население и тимовите на цивилната заштита продолжуваат со потрагата и спасувањето на луѓето затрупани во зградите урнати во нападот.
Во израелското бомбардирање на џамијата Сад ибн Аби Вакас во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа убиена е една жена, а десетици се повредени, главно жени и деца.
Израелски воени авиони бомбардираа локации во различни делови на Газа, убивајќи и ранувајќи Палестинци.
Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени 32.552 Палестинци, вклучително најмалку 14.280 деца и 9.340 жени, во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок. Под урнатините се наоѓаат илјадници убиени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со ненамален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Советот за безбедност на Обединетите нации донесе резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа во текот на месецот на постот Рамазан.
Додека Хамас ја поздрави резолуцијата, Израел го отфрли повикот за прекин на огнот и истакна дека ќе ја продолжи војната против палестинската енклава.
Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.