Servet Günerigök
21 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и малезискиот премиер Енвер Ибрахим остро го осудија неодамнешното палење на Куранот и популистичкиот дискурс што поттикнува говор на омраза против исламот, јавува Анадолу.
Во заедничката изјава објавена по состанокот на лидерите вчера во Њујорк на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, тие исто така изразија загриженост поради појавата на „нова форма на расизам“ што се карактеризира со ксенофобија, негативно профилирање и стереотипизирање на муслиманите.
Лидерите ги осудија „на најостар начин неодамнешните инциденти на палење примероци на светиот Куран, во неколку европски земји под превезот на слободата на изразување, како и популистичкиот дискурс кој поттикнува злоупотреба, говор на омраза и агресија против исламот и муслиманите“, се вели.
Претседателот Ердоган и Ибрахим, исто така, изразија „длабока загриженост за трендот на зголемена омраза, нетолеранција, дискриминација и актите на насилство против муслиманите и нивните светости кои достигнаа алармантно ниво во многу делови од светот, особено во Европа“.
Двајцата лидери нагласија дека го поздравуваат усвојувањето на Резолуцијата 76/254 на Генералното собрание за прогласување на 15 март за „Меѓународен ден за борба против исламофобијата“, како и итната дебата за време на 53-тата сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации за алармантниот пораст во претходно планирање и јавни дејствија на верска омраза што се манифестираат со повторно сквернавење на светиот Куран и усвојувањето резолуција на Советот за човекови права на ОН која го дефинира палењето на светите книги како верска омраза.
Лидерите, исто така, ја поздравија Резолуцијата 77/318 на Генералното собрание за промовирање меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог и толеранција во борбата против говорот на омраза усвоена на 25 јули.