Emrah Gökmen
23 Септември 2022•Ажурирај: 25 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Истрагата за неодамнешното убиство на Јован Вукотиќ, водач на организирана криминална организација позната во регионот како „шкаљарски клан“, откри дека убиството го извршиле членови на ривалска организирана криминална група кои го следеле Вукотиќ, најмалку четири месеци пред убиството што се случи на 8 септември во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вукотиќ е убиен на автопатот во истанбулскиот кварт Шишли, а смртоносните истрели ги испукал напаѓач од мотоцикл управуван од друг соучесник. Вукотиќ е убиен во автомобилот во кој во моментот биле неговата сопруга, малолетното дете и возачот, а никој од нив не е повреден.
Напаѓачите се уапсени, а истрагата за случајот ја водат припадници на полицискиот оддел за борба против организираниот криминал во Истанбул.
Инспекторите анализираа 1.700 часа снимки од надзорните камери собрани на 200 локации околу местото на убиството на Вукотиќ, кој беше уапсен пред три години во Истанбул и предаден на Србија, каде што беше ослободен и се вратил во Истанбул со лажни документи.
Убиството го извршиле Е. Е. и Ј. Д., членови на организирана криминална организација чиј водач, Турчинот Б. Б. е фатен во Италија по црвената потерница на Интерпол.
Истражителите на подот и во багажникот на автомобилот во кој беше убиен Вукотиќ пронашле GPS-уреди за следење. Утврдено е дека Вукотиќ четири месеци бил следен во автомобил изнајмен во Измир од страна на Е. Е., Е. Т. и Ф. Ј., членови на организирана криминална организација чиј лидер Б. Ц. е уапсен во Црна Гора.
Извори блиски до истрагата велат дека осомничените претходно во неколку наврати неуспешно се обиделе да извршат оружен напад врз Вукотиќ.
Турските полицајци, кои размениле информации и со надлежните во Црна Гора дознале дека од 2014 година во вооружени напади биле убиени најмалку 50 лица од криминалните организации на шкаљарскиот и кавачкиот клан, а причината за тоа е конфликт поради шверц на дрога.
Инспекторите откриле дека водачите на кавачкиот клан, Радоје Живковиќ и Здравко Перуновиќ, наредиле оружен напад врз Вукотиќ во Истанбул за околу еден милион евра. Нападот, наводно, бил извршен поради изгубено големо количество дрога во Србија.
Откако ги идентификуваше сите осомничени, нивните адреси и рути за бегство, истанбулската полиција спроведе истовремени операции во пет турски области.
Во акциите спроведени во Истанбул, Измир, Зонгулдак, Анталија и Артвин, 12 осомничени обвинети за поврзаност со убиството на Вукотиќ беа лишени од слобода.
При претресите извршени на адресите запленети се 6 лажни пасоши, 11 лажни лични документи од различни земји, 3 сателитски GPS-уреди и 2 оружја употребени во инцидентот.
Од друга страна, во прегледите на телефоните, компјутерите и флеш-дисковите на осомничените, пронајдени се многу организациски документи за начинот на кој е извршен нападот.
По кривичната истрага во Управата на полицијата во Истанбул, 12 осомничени се предадени на надлежните турски органи, меѓу кои Радоје Живковиќ, Здравко Перуновиќ и Е. С., Ј. Д., Е. Е., Е. Т. и Ф. Ј.