Ahmed Asmar
24 Јануари 2024•Ажурирај: 25 Јануари 2024
ГАЗА (АА) - Во израелско гранатирање пред седиштето на Црвената полумесечина во градот Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, убиени се тројца раселени Палестинци, соопшти хуманитарната организација, пренесува Анадолу.
„Три раселени лица се убиени, а две се повредени во напад на окупацијата пред северната порта на седиштето на Црвената полумесечина во Хан Јунис“, се вели во соопштението на палестинската Црвена полумесечина објавено на социјалната платформа X.
Областите околу главните болници во Хан Јунис, преполни со илјадници раселени жители на Газа, од понеделник се под силно израелско бомбардирање и гранатирање.
Филип Лазарини, шеф на Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за палестински бегалци, рече дека персоналот, пациентите и раселените луѓе се заробени во неколкуте преостанати болници во Хан Јунис додека продолжуваат тешките борби.
„Ги повикувам сите страни да ги преземат сите мерки на претпазливост за да се минимизира штетата и да се заштитат цивилите, медицинските установи и персоналот и просториите на ОН во согласност со меѓународното право“, повтори тој.
Израел ја нападна Газа по прекуграничниот напад на палестинската група за отпорот Хамас на 7 октомври, при што загинаа најмалку 25.490 Палестинци, а беа повредени 63.354. Се верува дека во нападот на Хамас биле убиени речиси 1.200 Израелци.
Како последица на израелската офанзива 85 отсто од населението во Газа е внатрешно раселено поради сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, според ОН.