Riyaz Khaliq Khaliq
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе го „разгледа советот“ на пакистанскиот началник на Армијата, генерал Асим Мунир, во врска со Ормускиот Теснец, кој моментално е блокиран од американските сили и претставува „пречка“ за можната втора рунда преговори со Иран, соопштија пакистански извори за Анадолу.
Двајцата соговорници разговараа за посредувањето на Пакистан за време на телефонскиот повик, во пресрет на евентуалната втора рунда американско-ирански преговори во Исламабад, наведуваат изворите.
Мунир му пренел на Трамп дека „блокадата на Ормускиот Теснец е пречка во преговорите“ со иранската страна. Како одговор на тоа, Трамп му рекол на Мунир дека ќе го „разгледа советот“ во врска со овој клучен воден пат, кој е речиси целосно затворен откако САД и Израел ги започнаа своите напади врз Иран на 28 февруари.
Трамп вчера најави дека претставници на САД ќе отпатуваат за Исламабад на преговори со Иранците. Техеран сè уште ја нема официјално објавено својата одлука, но побара укинување на американската блокада на иранските пристаништа.
На 11 и 12 април Пакистан беше домаќин на преговори меѓу САД и Иран што се први од 1979 година, кога двете земји ги прекинаа дипломатските односи, но преговорите завршија без конкретен резултат.
Преговорите, познати како „Исламабадски преговори“, беа одржани откако Пакистан посредуваше меѓу двете страни по почетокот на војната на 28 февруари и со негова помош се постигна двонеделен прекин на огнот што стапи на сила на 8 април.
Техеран сè уште официјално не ја објави својата одлука, но побара укинување на американската блокада на иранските пристаништа.
Претходно, пакистански извори соопштија дека се очекува иранската делегација да пристигне во Исламабад утре.
Сепак, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Техеран „не прифаќа никакви рокови или ултиматуми во остварувањето на своите национални интереси“.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес повика на користење на „сите рационални и дипломатски патишта“ за намалување на тензиите, нагласувајќи дека војната не е во ничиј интерес.
- Исламабад ја потврдува заложбата за дијалог -
Во меѓувреме, пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар разговараше со својата австралиска колешка Пени Вонг, соопшти Министерството за надворешни работи на Пакистан.
Дар ја повторил заложбата на Исламабад да продолжи да го поттикнува дијалогот и конструктивниот ангажман, се наведува во соопштението.
Двајцата министри изразиле загриженост за пошироките последици од конфликтот на Блискиот Исток врз глобалната економија, особено за земјите во развој, и ја нагласиле важноста од мирно решавање на конфликтите.
Вонг ја пофали „конструктивната улога на Пакистан во олеснувањето на дијалогот меѓу Иран и САД“, се додава во соопштението.