Necva Taştan Sevinç
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, денес повика на одговорност и дисциплински мерки поради наводите за недолично однесување на израелските војници, истакнувајќи дека дел од нив самите признале дека извршиле воени злосторства, пренесува Анадолу.
„Самите израелски војници признаваат воени злосторства. Тие убиваа не само палестински цивили, туку дури и сопствените заложници“, напиша Сикорски на американската компанија за социјални медиуми Х.
Тој оцени дека е „добро што (израелскиот министер за надворешни работи) министерот Саар брзо се извинил“, додавајќи дека имал за што да се извини, алудирајќи на неодамнешните изјави на шефот на израелската дипломатија.
Сикорски упати апел инволвираните војници да бидат казнети и да се извлечат пошироки поуки во однос на военото однесување и обуката.
Минатата недела, владината канцеларија за медиуми во Газа соопшти дека Израел досега извршил 2.400 прекршувања на договорот за прекин на огнот од октомври, вклучувајќи убиства, апсења, тековна опсада и изгладнување на населението.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, во овие тековни прекршувања убиени се 773 Палестинци, додека 2.171 лице се повредени.
Прекинот на огнот следуваше по двегодишната геноцидна војна на Израел врз Газа, што започна во октомври 2023 година, во која беа убиени над 72.000 Палестинци, а 172.000 беа ранети. Смртоносните напади предизвикаа и големо уништување, оштетувајќи 90 отсто од инфраструктурата во Газа.