Berk Kutay Gökmen
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп приватно им кажал на своите соработници дека нема да го прекрши прекинот на огнот со Иран, освен ако Техеран не убие американски војници, објави денес „Волстрит журнал“, повикувајќи се на американски официјални претставници, пренесува Анадолу.
Како што се наведува, неподготвеноста на Трамп повторно да го разгори конфликтот со Иран укажува на тоа дека тој е подготвен со недели, па дури и со месеци, да толерира помали и локализирани инциденти, со цел да спречи избувнување на војна од пошироки размери на Блискиот Исток.
Оваа недела тензиите меѓу САД и Иран достигнаа едно од највисоките нивоа од воспоставувањето на прекинот на огнот во почетокот на април. Иран лансираше ракети и беспилотни летала насочени кон американските воени објекти низ регионот, како и кон Меѓународниот аеродром во Кувајт, што резултираше со една жртва.
Спорот околу контролата на Ормускиот Теснец сериозно ги наруши глобалните енергетски пазари и меѓународниот транспорт. Техеран го ограничи комерцијалниот транзит преку стратегискиот воден пат, додека Вашингтон спроведе строга блокада на иранските пристаништа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ги опиша овие меѓусебни напади како одбранбени мерки, нагласувајќи дека тие не значат враќање кон војна од целосен размер.
„Тие се случуваат како одговор на иранската акција“, рече Рубио на сослушувањето во Претставничкиот дом вчера.
„Ако тие не пукаат во тие бродови, ние не пукаме, но мораме да одговориме“, вели тој.
Сепак, во извештајот се посочува дека повторените напади го „зголемија притисокот врз Трамп и ја доведоа во прашање долгорочната одржливост на прекинот на огнот“.
Трамп во повеќе наврати изјави дека е многу блиску до потпишување мировен договор за ставање крај на војната. Според него, овој договор ќе овозможи повторно отворање на Теснецот, целосно прекинување на нуклеарната програма на Иран и уништување на неговите залихи на збогатен ураниум.