Dildar Baykan
08 Јануари 2021•Ажурирај: 09 Јануари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, истакна дека ќе обезбедат непречена транзиција за новата администрација на Џо Бајден, односно дека новата администрација ќе ја започне својата должност на 20 јануари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трамп објави на својот профил на Твитер по реакциите што стигнаа откако демонстрантите што го поддржуваат, во средата влегоа во Конгресот.
Опишувајќи го влегувањето во Конгресот како „грд напад“, Трамп рече: „Како и сите Американци, исто така и јас бев шокиран од насилството, беззаконието и хаосот.“
- Остра реакција на Трамп кон демонстрантите -
Трамп, откако истакна дека веднаш по почетокот на настаните дал задача на Националната гарда и на сојузните безбедносни сили за одржување на редот, нагласи: „Америка отсекогаш била правна држава и така треба да остане.“
Тој остро реагираше во врска со демонстрантите, за кои рече: „Вие не ја претставувате нашата земја. Тие што го прекршија законот ќе ја платат цената.“
- „Се борев да ја одбранам американската демократија“ -
Наведувајќи дека земјата е излезена од тежок и интензивен изборен процес, Трамп додаде:
„Сега треба да се намали тензијата. Мојот тим за изборна кампања ги искористи сите законски средства за да се спротивстави на резултатите од изборите. Единствена цел ми беше да ја осигурам безбедноста на изборите. Се борев да ја бранам американската демократија.“
Подвлече дека е неопходна реформа на изборниот систем во земјата, при што нагласи:
„Сега, Конгресот ги утврди изборните резултати и новата администрација ќе стапи на должност на 20 јануари. Мојата цел е да обезбедам непречен, уреден и беспрекорен процес на транзиција.“
Трамп, нагласувајќи дека 2020 година била тешка за земјата и дека направиле сѐ што е во нивни раце, рече: „Драги мои поддржувачи, знам дека сте разочарани, но сакам да знаете дека штотуку започнува едно прекрасно патување.“