свет

Трамп најави можни разговори со Мадуро додека САД ја засилуваат воената кампања на Карибите

„Можеби ќе имаме некакви разговори со Мадуро, ќе видиме како ќе се развива тоа. Тие би сакале да разговараат“

Fatma Zehra Solmaz  | 17.11.2025 - Обновена : 17.11.2025
Трамп најави можни разговори со Мадуро додека САД ја засилуваат воената кампања на Карибите

ИСТАНБУЛ (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека се можни разговори со неговиот венецуелски колега Николас Мадуро, во време на зголемена напнатост и масовно воено засилување во Карипското Море, јавува Анадолу.

„Можеби ќе имаме некакви разговори со Мадуро, ќе видиме како ќе се развива тоа. Тие би сакале да разговараат“, изјави Трамп за новинарите во Вест Палм Бич, Флорида, пред да се качи во авионот на „Ер Форс Уан“ кон Вашингтон.

Неговата изјава следуваше по одлуката на САД да го стават венецуелскиот Картел де лос Солес на листата на странски терористички организации (ФТО), чекор што, според Трамп, ќе им овозможи на американските власти да таргетираат инфраструктура и средства поврзани со Владата на Мадуро, кого го обвинува дека го води криминалниот картел.

„Ова ни дозволува да го правиме тоа, но сè уште не сме рекле дека ќе го направиме“, додаде тој.

Во февруари Стејт департментот веќе стави повеќе мексикански наркокартели на листата ФТО, со што разузнавачките агенции добија поголеми овластувања за тајни операции.

САД продолжуваат да изведуваат напади врз пловила во Карипското Море и Пацификот за кои администрацијата на Трамп тврди дека учествуваат во транспорт на дрога кон САД. Трамп повеќепати се закани и со можни акции против Мадуро.

Последните месеци САД значително го проширија своето воено присуство во Латинска Америка, распоредувајќи маринци, воени бродови, ловци и бомбардери, подморници и дронови. Според извештаите, носачот на авиони „УСС Фералд Форд“, најголем во светот, пристигнал на Кариби како дел од ова засилување.

Според Јужната команда на САД (SOUTHCOM), распоредувањето следува по директива на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, со цел поддршка на иницијативата на Трамп за растурање на криминалните мрежи што се сметаат за закана за американската безбедност.

Воените операции против наводниот шверц на дрога започнаа во септември со напад врз венецуелски брз чамец, а веќе кон крајот на октомври кампањата се прошири и во источниот дел на Пацификот.

Од почетокот на операцијата извршени се најмалку 21 напад врз групи за шверц на дрога, при што загинаа 82 лица.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.