свет

Мадуро на Генералното собрание на ОН побара САД и ЕУ да ги укинат економските санкции кон Венецуела

Мадуро во својот говор на 76. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, на кое учествувше преку видеолинк, побара да им се стави крај на казнените санкции кон Венецуела

Sinan Doğan  | 23.09.2021 - Обновена : 24.09.2021
Мадуро на Генералното собрание на ОН побара САД и ЕУ да ги укинат економските санкции кон Венецуела

БОГОТА (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) побара од Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) да ги укинат економските санкции против Венецуела, јавува Агенција Анадолија (АА).

Мадуро во својот говор на 76. сесија на Генералното собрание во Њујорк, на кое учествувше преку видеолинк, побара да им се стави крај на казнените санкции кон Венецуела, бидејќи поради изолацијата, Венецуела е спречена да пристапи до стоките што ѝ се потребни и блокиран е извозот на нафтата.

- „Замрзнатите сметки на Венецуела мора да се деблокираат“ -

Изјавувајќи дека се следат нивните финансиски сметки, Мадуро рече: „Меѓународните легални резерви на Централната банка на Венецуела се блокирани во Лондон. Конфискувани се милијарди долари што се наоѓаат на американски, европски и други банкарски сметки. Замрзнатите сметки на Венецуела мора да се деблокираат.“

Мадуро во својот говор потенцираше дека треба да се укинат и сите комерцијални и економски блокади кои веќе низа години се спроведуваат кон Куба.

- „Благодарни сме ѝ на мексиканската Влада за поддршката“ -

Осврнувајќи се на преговорите со опозицијата што со посредство на Норвешка започнаа во Мексико, Мадуро рече: „Тоа е многу важен процес за дијалог кој се обидува да ги врати најекстремните опозициски групи во политиката, Уставот и изборниот пат. За тој успех, благодарни сме ѝ на мексиканската Влада.“

Обраќајќи му се на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Мадуро повика да се даде итен и практичен одговор наспроти емисиите на стакленички гасови за да се спречат катастрофи како што се поплави, суши и големи пожари поради климатските промени.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.