Gözde Bayar
09 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
АНКАРА (АА) - Тим од речиси 40 експерти по кибербезбедност предводени од НАТО се натпреваруваат во „Locked Shields 2019“, најголемата кибервежба според „реално сценарио“, која започнува денеска, се вели во соопштението на Блокот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Организирана од Кооперативниот центар за кибербезбедност на НАТО (CCDCOE) во Естонија, годишната вежба е единствена можност за кибер-експертите да ги подобрат своите вештини во одбрана на националните системи за информатичка технологија и инфраструктурата при вистински напади“, се додава во соопштението.
Тридневната вежба го користи пристапот „реално сценарио“, базиран на игри, овозможувајќи им на учесниците да ги преземат улогите во тимовите за фиктивен одговор во лабораториска средина.
Овогодишното сценарио на вежбата опфаќа фиктивна земја наречена Берилија, која се соочува со кибернапади врз својата цивилна инфраструктура во текот на одржување на националните избори.
Нападите доведуваат до сериозни прекини во областите како што се системите за пречистување на водата, електроенергетската мрежа и 4Г-мрежите за јавна безбедност.
Главната цел на тимот е да ги заштити мрежите од понатамошни напади.
Тимот на НАТО, кој победи на претходната вежба „Locked Shields“, годинава го зајакна својот состав со 10 волонтери од шест НАТО-сојузници: Бугарија, Хрватска, Норвешка, Романија, Словенија и Турција.
На вежбата учествуваат над 1.000 меѓународни кибер-бранители и носители на одлуки.
„Locked Shields“ е единствена можност да се поттикне експериментирањето, обуката и соработката помеѓу членовите на Кооперативниот центар за кибербезбедност на НАТО и партнерските земји од 2010 година.