Betül Yürük
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Талибанците испратија писмо до Обединетите нации (ОН), барајќи да учествуваат на состаноците на Генералното собрание и предложија еден од нивните портпароли, Сухејл Шахин, за кандидат за амбасадор на ОН, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во време кога продолжуваат дискусиите за тоа кој ќе го претставува Авганистан во ОН, талибанците во писмо до генералниот секретар на ОН истакнаа дека тие треба да бидат застапени во организацијата, а не поранешната Влада.
Според информациите на дописникот на АА добиени од извори на ОН, заменик-министерот за надворешни работи на привремената Влада на талибанците, Емирхан Мутаки, во писмото што го испратил до ОН побарал да учествува на сесијата на 76. Генералното собрание на ОН.
Во своето писмо, Мутаки го номинира Сухејл Шахин, еден од неговите портпароли, за постојан претставник на Авганистан во ОН.
Откако земјите ќе ги испратат имињата на кандидатите за амбасадори на ОН во организацијата, тие се одобруваат од страна на Комитетот за акредитација на Генералното собрание на ОН.
Авганистан во ОН сѐ уште е застапен од постојаниот претставник на претходната Влада во ОН, Гулам Исакзаи.