Islam Uddin
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Стотици граѓани останаа без покрив над главата откако голем пожар во индонезиската престолнина Џакарта зафати повеќе од 300 куќи, објавија денес државните медиуми, пренесува Анадолу.
Пожарот избувна доцна синоќа, во областа Кемајоран, во централниот дел на Џакарта, оставајќи 620 лица без покрив над главата откако го зафати густо населениот станбен кварт, јави новинската агенција Антара, повикувајќи се на локалните власти.
Од Службата за противпожарна заштита и спасување соопштија дека пламените јазици зафатиле 330 домаќинства, при што евакуирани се жителите од неколку станбени блокови.
„Околу 620 лица останаа без своите домови”, изјави директорот на службата, Сјарифудин.
Пожарникарите се соочија со сериозни предизвици во текот на операцијата, како блокирани пристапни патишта, голем број присутни граѓани, како и жители кои се обидуваа да ги спасат своите лични работи.
Властите соопштија дека пожарот бил ставен под контрола околу 23:30 часот по локално време, а целосно бил изгаснат денес во 04:15. Во операцијата за локализирање и гаснење на огнот биле ангажирани вкупно 35 противпожарни возила и 175 пожарникари.
Официјалните претставници соопштија дека во тек е процена на материјалната штета, како и спроведување мерки за помош и згрижување на евакуираните семејства.