Ahmet Gürhan Kartal
24 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Нето-миграцијата кон Обединетото Кралство падна на 246.000 од март 2016 до март 2017 година, што претставува најниско ниво во последните три години, велат официјалните статистички податоци, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Падот e предизвикан од емиграцијата на околу 33.000 граѓани на ЕУ од март 2016 година, според податоците на Државниот завод за статистика (ONS) објавени денес. Миграцијата од земјите на ЕУ, исто така, се намали за 51.000, што е најниско ниво од 2013 година.
Годишната имиграција од речиси 250.000 сѐ уште е над заложбите на Владата на Велика Британија за нејзино намалување на помалку од 100.000 на годишно ниво.
Меѓу граѓаните на ЕУ кои ја напуштија земјата во изминатата година, 17.000 се од Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка и од Словенија.
Несигурноста поради Брегзит и поради идниот статус на граѓаните од ЕУ во Велика Британија се главните причини за заминувањата.
Британската јавност одлучи да ја напушти Европската Унија во јуни 2016 година, по 44-годишно членство.
Правата на граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија и на Британците кои живеат во државите на ЕУ се една од клучните точки на разговорите околу Брегзит, кои ќе продолжат следната недела во Брисел.
Никола Вајт, раководител на Одделот за меѓународна миграциска статистика при ОНС, рече: „Забележан е пад на нето-миграцијата поттикната од зголемувањето на емиграцијата, главно за граѓаните на ЕУ, а особено за граѓаните на земјите од ЕУ8 и намалувањето на имиграцијата во сите групи“.
Владата на Велика Британија претходно соопшти дека подобните граѓани на ЕУ кои останале во земјата за одредено време ќе можат да останат во Велика Британија, но побара реципрочен пристап за британските граѓани кои живеат во земјите-членки на ЕУ.