Furkan Abdula
22 Август 2023•Ажурирај: 23 Август 2023
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на посетата на Атина, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари средба со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, на средбата присуствувал и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На средбата, премиерот Ковачевски ја нагласи континуираната и силна поддршка на Украина од страна на Северна Македонија во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.
„Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Северна Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет. Овој пристап, Северна Македонија јасно го манифестира, како на билатерална основа, така и во рамките на НАТО, но и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина“, се вели во соопштението.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија ќе продолжи да ѝ помага на Украина сѐ додека е потребно тоа, со испраќање помош на оваа земја, како што го правеше тоа и досега.
„Претседателот Зеленски изрази благодарност за поддршката на Северна Македонија на Украина од почетокот на воената агресија, која е значајна за украинските сили и која украинскиот народ високо ја цени. Претседателот Зеленски информираше за најновиот развој на состојбите на теренот“, се додава во владиното соопштение.