Mustafa Keleş
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на ОН на седницата што ја свика Велика Британија, дискутираше за последните случувања во мјанмарската област Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Британскиот амбасадор при ОН, Метју Рајкрофт, по седницата, пред новинарите изјави дека имале корисна дискусија за случувањата во Аракан.
Тој истакна дека е изразена загриженоста поради насилството во таа земја.
„Загрижени сме поради ситуацијата во Мјанмар. Го осудуваме секој облик на насилство. Ги повикуваме сите страни да ги намалат тензиите“, изјави Рајкот.
Тој посочи дека сите членки ги поддржуваат препораките од извештајот на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
Рајкот истакна дека на седницата не бил усвоен никаков официјален документ, туку само дискутирале за последните случувања во Мјанмар.
Тој додаде дека одржувањето на седницата претставува порака за Мјанмар, нагласувајќи дека и понатаму ќе ги следат случувањата во таа земја.
Рајкот изјави дека од Бангладеш побарале и понатаму да продолжи да ги прифаќа луѓето од Мјанмар кои ќе побегнат во таа земја.
Велика Британија во вторникот свика итна седница на Советот на безбедност на ОН, за да се дискутира за последните случувања во Мјанмар.
Многу организации за заштита на човековите права, меѓу кои и „Amnesty International“ (Амнести интернешнал) масакрите во Аракан ги нарекуваат геноцид, а пораки на осуда стигнаа од сите делови на светот.
Портпаролката на Европскиот совет на Рохинџа муслиманите, Анита Шунг, во понеделникот изјави дека мјанмарската војска за три дена, во нападите извршени во Аракан усмртила меѓу две и три илјади муслимани.
Според официјалните податоци и извештаи на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозено национално малцинство во светот. Рохинџа муслиманите немаат своја држава и нивните права се значително ограничени.