Beyza Binnur Dönmez
19 Февруари 2019•Ажурирај: 20 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Советот на Европа денеска ја критикуваше Грција за, како што беше истакнато, ужасните услови на бегалците и илегалните мигранти во камповите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот објавен од Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа, се вели дека бегалците во Грција се подложени на физичко насилство од страна на полицијата.
Во извештајот се додава дека бегалците биле малтретирани од страна на полицијата, особено во камповите на Еврос и Лезбос, а се повикува и Владата да дејствува.
„Условите во бегалските кампови што ги посетија експертите на групата се несоодветни“, се вели во извештајот, во кој се додава дека 95 лица живееле во една просторија во кампот за бегалци во Филакио.
Се наведува дека во камповите имало и бремени жени и деца, а дека половина од децата немале никого да се грижи за нив.
Во извештајот се истакнува дека лошите услови, како валканите кревети и проблемите со хигиената, кои се причинители за можна појава на многу болести кај бегалците, биле случај и во другите кампови.
Според извештајот, грчката Влада не презема адекватни мерки за проблемите во бегалските кампови.