Alma Çekovic
31 Мај 2016•Ажурирај: 31 Мај 2016
СТРАЗБУР (АА) - Мигрантите не се закана, туку можност, и европските земји треба да се соочат со предизвикот на успешна интеграција и тоа да го сметаат за долгорочна инвестиција во своја стабилна и сигурна иднина, рече комесарот на Советот на Европа (СЕ) за човекови права, Нилс Муижниекс, во извештајот за интеграција на мигрантите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Муижниекс во извештајот објавен денеска на веб страницата на Советот на Европа, ги повика европските земји да се интегрираат мигрантите што е можно поскоро откако над еден милион луѓе во последниве месеци пристигнаа во Европа во потрага по заштита.
„Откако повеќе од еден милион луѓе во последниве неколку месеци дојдоа во Европа во потрага по заштита, европските земји имаат заедничка, итна потреба од вистинска интеграција. Европските влади, кои што досега беа окупирани со краткорочните потреби како што е приемот и обработката на барањата за азил, сега треба да се фокусираат на долгорочната цел за унапредување на успешна интеграција на мигрантите”, рече Муижниекс.
Во извештајот на комесарот на СЕ се даваат насоки на владите и парламентите за изработка и имплементација на успешна политика на интеграција. Особено се истакнуваат европските стандарди кои ја регулираат оваа област и се утврдуваат низа конкретни препораки со цел олеснување на интеграцијата на мигрантите, со фокус на повторното обединување на членовите на семејството, почитувањето на правата на живеење, интеграциски курсеви и јазични курсеви, пристап до пазарот на трудот, квалитетно образование, ефикасна заштита од дискриминација и учество во политиката.
Меѓу најважните мерки наведени во извештајот е потребата за поддршка на правото за обединување на членовите на семејството кое е „признаено како човеково право кое треба да го гарантираат сите европски земји - домаќини”.
Уште една од предложените мерки е и овозможување долгорочен престој на странски државјани кои легално престојувале во некоја европска земја најмалку пет години.
Муижниекс, исто така, ги повика европските земји да обезбедат бесплатни јазични курсеви и интеграција, со цел да се олесни интеграцијата на мигрантите и да се ублажат правилата со цел да им се обезбеди на мигрантите пристап до пазарот на трудот и да се обезбеди квалитетно образование за децата.
Комесарот на Советото на Европа препорачува и зајакнување на законот против дискриминација и ефикасна заштита на мигрантите во јавниот и политичкиот живот, вклучувајќи го и давањето право на мигрантите да гласаат на локално и регионално ниво.