свет

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за формирање Одбор за мир и Меѓународни сили за стабилизација во Газа

Пред гласањето, американскиот пратеник во ОН, Мајк Волц, рече: „Денес имаме моќ да ги изгаснеме пламените и да го осветлиме патот кон мирот“

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı  | 18.11.2025 - Обновена : 18.11.2025
Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за формирање Одбор за мир и Меѓународни сили за стабилизација во Газа

ХАМИЛТОН (АА) – Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) синоќа ја усвои американската нацрт-резолуција со која се воспоставува нов транзициски Одбор за мир (BoP) и се овластуваат Меѓународните сили за стабилизација (ISF) задолжени за управување, обнова и безбедност во Појасот Газа, јавува Анадолу.

Резолуцијата беше изгласана со 13 гласа „за“, додека Кина и Русија гласаа воздржано.

Пред гласањето, американскиот пратеник во ОН, Мајк Волц, изјави: „Денес имаме моќ да ги изгаснеме пламените и да го осветлиме патот кон мирот“.

„Тој пат е токму предлог-резолуцијата на Советот за безбедност – храбра, прагматична рамка произлезена од планот од 20 точки на претседателот (Доналд) Трамп за завршување на конфликтот во Газа, оформена преку дипломатија со Катар, Египет, Саудиска Арабија, ОАЕ, Турција, Пакистан и Индонезија“, рече тој.

Волц истакна дека документот нуди „можен пат кон палестинско самоопределување откако Палестинската управа ќе ги спроведе неопходните реформи“.

По усвојувањето на резолуцијата, тој ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „уште еден значаен чекор кон стабилна Газа“.

„Одборот за мир, кој ќе биде предводен од претседателот Трамп, останува темелот на нашите напори“, рече Волц.

Тој додаде дека ИСФ ќе бидат задолжени за стабилизирање на безбедносната ситуација, демилитаризација, демонтирање на вооружените структури и заштита на палестинските цивили.

Според резолуцијата, присуството на Одборот за мир и ИСФ ќе остане овластено до 31 декември 2027 година, со можност за повторно одобрување во координација со Египет, Израел и други држави што соработуваат со ИСФ.

Рускиот пратеник во ОН, Василиј Небензја, рече дека не биле земени предвид „клучните правни елементи“.

„Не постои јасна временска рамка за префрлање на контролата врз Газа на Палестинската управа, ниту пак гаранции дека Одборот за мир или ИСФ нема да делуваат автономно, без да ја земат предвид позицијата на Рамала“, додаде тој.

Небензја оцени дека резолуцијата „потсетува на колонијалните практики и периодот на британскиот мандат во Палестина“, кога палестинскиот глас „не бил земан предвид“.

Небензја, исто така, истакна дека Русија одлучила да не ја претстави својата верзија на нацрт-резолуцијата поради големата поддршка од арапските и муслиманските земји.

Кинескиот пратеник Фу Конг изрази слични ставови, оценувајќи дека резолуцијата е „загрижувачки нејасна“ и дека „во голема мера ја запоставува палестинската страна“.

„Документот се осврнува на поствоени аранжмани во Газа, но Палестина е едвај видлива во него, а палестинскиот суверенитет и сопственост не се соодветно одразени“, рече тој.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.