Zehra Ulucak
13 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Откако автомобил пред 22 години излетал во езеро во сојузната американска држава Флорида, пронајдени се посмртните останки на Американецот Вилијам Молт, благодарение на интернет-пребарувачот „Гугл Ерт“ (Google Earth), пренесува Anadolu Agency (AA).
Молт на 7 ноември 1997 година излегол од еден ноќен клуб во малото место Лантана, а оттогаш му се губи секоја трага. Благодарение на „Гугл Ерт“, неговото возило е пронајдено на дното на езерото во близина, 22 години подоцна.
Лицето кое преку „Гугл Ерт“ го истражувало подрачјето на гратчето Велингтон, забележало возило во езерото, потоа за тоа прво го известило неговиот пријател од Велингтон, кој со помош на дрон проверил и потврдил дека во езерото се наоѓа возило.
За случајот била известена полицијата и возилото, во кое биле пронајдени коски, е извлечено од езерото на 28 август годинава. Седум дена подоцна, откако биле извршени потребните анализи, утврдено е дека посмртните останки биле на исчезнатиот Молт.
По проверката на снимките на „Гугл Ерт“ од 2007 година, утврдено е дека дури и тогаш возилото можело да се види во езерото, но никој претходно не го забележал.