Servet Günerigök
27 Декември 2023•Ажурирај: 28 Декември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска го објави назначувањето на Сигрид Кааг за виша координаторка за хуманитарна помош и обнова на Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Во оваа улога, таа ќе ги овозможува, координира, надгледува и верификува пратките на хуманитарна помош во Газа“, се наведува во соопштението на ОН.
Поранешната шефица на холандската дипломатија Кааг ќе формира и механизам на ОН за забрзување на испраќањето хуманитарна помош за Газа преку држави кои не се страни во конфликтот.
Се очекува Кааг да ја преземе функцијата на 8 јануари.
Назначувањето е извршено како дел од резолуцијата на Советот за безбедност на ОН усвоена минатата недела за зајакнување на хуманитарната помош за палестинската енклава.
Советот во петокот усвои резолуција со која се повикува на итни чекори за веднаш да се овозможи безбеден, непречен и проширен хуманитарен пристап до Газа, која е под жестоки израелски напади.