Meryem Göktaş
03 Февруари 2017•Ажурирај: 05 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Светската популација којашто во моментов изнесува 7,5 милијарди население, во 2100 година ќе изнесува 11,2 милијарди. Се очекува Индија за 5 години да стане најнаселената земја во светот. Во наредните години се очекува најголем прираст на населението да се случи во Африка, јавува Anadolu Agency (AA).
Забележувајќи ја бројката на светското население во последните векови, Обединетите нации (ОН) наведуваат дека во 1800 година таа изнесувала 1 милијарда, 1,5 милијарди во 1900, додека во 2000 година светската популиација ја достигнала бројката од 6,1 милијарда.
Според процените на ОН, светската популација којашто во 2017 година изнесува 7,5 милијарди, во 2020 ќе биде 7,7 милијарди, 9,1 милијарди во 2040, 10,1 милијарда во 2060, 10,8 милијарди во 2080, додека во 2100 светската популација ќе ја достигне бројката од 11,2 милијарди.
Се претпоставува дека најголем пораст на населението ќе се случи кај земјите во развој. Се претпоставува дека во 2100 година, 9,9 милијарди луѓе ќе бидат од земјите во развој, додека 1,2 милијарди ќе бидат од развиените земји.
- Најголем пораст се очекува во Африка
Впечатлив е растот на населението според поделбата на области. Според вредностите на Одделението за население на ОН, до 2100 година се очекува најголемиот пораст на населението да се случи на африканскиот континент, додека населението во Азија и во Европа ќе се намали.
Оваа година во Африка живеат околу 1,2 милијарди лица. Се очекува во наредните 50 години таа бројка да се зголеми на 3,1 милијарда, додека во 2100, на овој континент би живееле околу 4,3 милијарди лица.
- Индија ќе ја надмине Кина
Со 1,38 милијарди жители во 2017 година, Кина е најнаселената земја на светот, а следува Индија со 1,3 милијарди. Во САД живеат 326 милиони луѓе, во Индонезија 263, додека во Бразил живеат 211 милиони лица.
Сепак, се претпоставува дека Индија во 2022 година ќе ја надмине Кина. Популацијата на Кина во 2022 година би требало да изнесува 1,4 милијарди, додека популацијата во Индија се очекува да достигне 1,41 милијарда
Населението на Кина во 2100 година ќе падне на 1 милијарда, а се очекува бројката на населението во Индија да достигне 1,6 милијарди.
- Ќе се намали бројот на населението на Европа
Друго подрачје што го привлекува вниманието е Европа. Во моментов во неа живеат 739 милиони лица, а се очекува со текот на времето оваа бројка да се намалува. За 50 години, бројот на населението во Европа би требало да изнесува 676 милиони, а во 2100, европската популација ќе се намали на 645 милиони.
- Ќе се зголеми животниот век
ОН истакнува дека причина за порастот на светската популација не е поради зголемувањето на процентот на новородените, туку дека тоа се случува поради зголемувањето на животниот век на луѓето.
Со зголемувањето на животниот век на луѓето, процентот на луѓето над 80 години од 1,7 отсто, ќе се искачи на 8,4 отсто во 2100 година.