Rabia İclal Turan
19 Март 2025•Ажурирај: 20 Март 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) извршија воздушни напади врз териториите под контрола на Хусите во Јемен четврта ноќ по ред, потврди американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) доцна синоќа, пренесува Анадолу.
Во соопштение на социјалната мрежа Х, ЦЕНТКОМ објави дека спроведува „континуирани операции против терористите поддржани од Иран“, без да даде дополнителни детали.
Според медиумската мрежа „Ал Масира“, поврзана со Хусите, американските напади биле насочени кон повеќе локации, вклучувајќи ја северната провинција Сада и стратешкото пристаниште Ходејда.
Во воздушните напади на САД изминатиот викенд се убиени повеќе од 50 лица, а речиси 100 беа повредени.
Хусите од крајот на 2023 година со ракети и беспилотни летала ги напаѓаат бродовите поврзани со Израел што минуваат низ Црвеното Море, Арапското Море, теснецот Баб ел-Мандеб и Аденскиот Залив, тврдејќи дека тоа е чин на солидарност со Појасот Газа.
Групата ги прекина нападите кога во јануари беше прогласено примирје во Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас, но се закани дека ќе ги обнови по 2 март, кога Израел ја блокираше целата хуманитарна помош за енклавата.