İlker Girit
15 Јуни 2017•Ажурирај: 16 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Доха вчера постигна договор со Вашингтон за купување борбени авиони F-15 во вредност од 12 милијарди долари, изјави катарскиот министер за одбрана Калид Ал Атијах, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ал Атијах и неговиот американски колега Џејмс Матис потпишаа договор во Вашингтон“, наведува катарската државна новинска агенција.
Пентагон во соопштението изјави дека договорот ќе му „даде на Катар најсовремена способност и ќе ја зголеми безбедносната соработка и интероперабилноста меѓу САД и Катар“.
Конгресот на САД уште минатата година даде согласност за продажба на авиони на Катар, додека до последниот договор дојде по неодамнешната криза во заливот меѓу неколку арапски земји и Доха.
Два американски воени брода стигнаа вчера во катарското пристаниште Хамас, за да спроведат заедничка воена вежба, но деталите не се објавени. Минатата недела Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ, Бахреин и Јемен ги прекинаа врските со Катар, обвинувајќи ја Доха дека го поддржува тероризмот. Катар ги негираше таквите наводи и дипломатската изолација ја нарече неоправдана.
Турција објави дека таа е против санкциите на малата заливска земја и го повика Ријад да преземе водечка улога во решавањето на настанатата криза.