ВАШИНГТОН (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ќе се состане викендов за да разговара за ситуацијата во Израел и Појасот Газа, најавија Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА)
Во најавата за состанокот в недела, Линда Томас-Гринфилд, претставничка на САД во ОН, рече дека администрацијата на Бајден „ќе продолжи активно да се вклучува преку дипломатијата на највисоки нивоа во обид за деескалација на тензиите“.
Во нејзината објава на Твитер не се прецизира дали состанокот ќе се одржи во отворен или затворен формат.
Дипломатите претходно за Агенција Анадолија изјавија дека САД го блокирале јавниот виртуелен состанок на Советот за безбедност на ОН за ескалацијата на судирите закажан за петок на барање на Кина, Норвешка и Тунис.
Но, САД рекоа „отворениот состанок утре нема да ги поддржи напорите за деескалација“, според дипломатите, кои зборуваа под услов на анонимност.
Во средата, САД го блокираа произнесувањето на Советот за безбедност во врска со растечкото насилство, во услови кога Израел продолжува да врши воздушни напади врз густо населената Газа.
Тоа уследи по вториот брифинг на специјалниот пратеник на ОН за израелско-палестинскиот мир, Тор Венесланд.
Тој изрази длабока загриженост за најновата состојба во Газа и повика на итен прекин на воените дејствија и изрази загриженост за тензиите и насилствата во Источен Ерусалим (Кудс), особено во и околу светите места.
„Членовите на Советот побараа итен прекин на сите акти на насилство, провокации и уништување. Тие повикаа на почитување на меѓународното право, како и на меѓународното хуманитарно право и заштита на цивилите“, се истакнува.
Според палестинското Министерство за здравство, бројот на жртви од израелската континуирана офанзива врз Газа порасна на 109, од кои 28 деца и 15 жени. Повредени се 580 лица.
До денес, од израелска страна во неодамнешните насилства убиени се седум Израелци - шестмина од нив во ракетни напади, еден војник е убиен кога противтенковска наведувана ракета го погодила неговиот џип.
Во изминатиот месец тензиите во населбата Шеик Џарах во Источен Кудс (Ерусалим) се зголемија откако еврејските доселеници ја преплавија населбата поради одлуката на израелскиот суд за иселување на палестинските семејства.
Израел го окупираше Источен Ерусалим за време на арапско-израелската војна во 1967 година и го анектираше целиот град во 1980 година, потег што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.