свет

САД испратија 1,2 милиони долари помош за терористичката ЈПГ/ПКК за борба против Ковид-19

Опремата е испратена во подрачјата Ал Хасака и Ал Шадади во северна Сирија кои се под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК

Fahri Aksüt  | 04.04.2020 - Обновена : 05.04.2020
САД испратија 1,2 милиони долари помош за терористичката ЈПГ/ПКК за борба против Ковид-19

АНКАРА (АА) - Коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави (САД) против терористичката организација ДЕАШ обезбеди помош во залихи за терористите на ЈПГ/ПКК во износ од 1,2 милиони долари за превенција на Ковид-19 и за центрите за притвор, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Групата за заеднички операции „Непоколеблива одлучност“ објавено денеска, опремата е испратена во подрачјата Ал Хасака и Ал Шадади во северна Сирија кои се под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК.

„Медицинската опрема ќе помогне во заштитата на персоналот во болниците во Хасака и Шадади, како и на Сириските демократски сили (СДГ) и на стражарите одговорни за камповите за притвор“, се вели во соопштението.

Во него се наведува дека за регионот е обезбедена опрема за лична заштита како што се латексни ракавици и маски, како и хируршки комплети, дефибрилатори и оксиметри.

Дополнително, обезбедена е и испратена во објектите за притвор и заштитна опрема за стражарите, вклучително и маски, штитови и палки.

Полковникот Брајан Хендерсон, заменик-директор за цивилни работи на меѓународната воена коалиција против ДЕАШ, истакна дека трајното партнерство се протега и надвор од рамките на пандемијата и е клучно за мисијата на СДГ за одржување на безбедноста и стабилноста во североисточна Сирија.

„Бидејќи нашите партнерски сили ја унапредуваат стабилноста во регионот, коалицијата ќе продолжи со поддршката на нивните напори“, рече тој.

Во соопштението, исто така, се наведува дека на 27 март американскиот државен секретар Мајк Помпео најави 16,8 милиони долари за итна медицинска и хуманитарна помош за Сирија поради Ковид-19.

Освен тоа, според соопштението, Министерството за одбрана на САД одвои 200 милиони долари за 2020 година за поддршка на таканаречените Сириски демократски сили (СДГ), односно за мисијата против ДЕАШ.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија, одговорна е за смртта на 40.000 луѓе, меѓу кои има и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК. Терористичката организација ЈПГ/ПКК го користи називот СДГ (т.н. Сириски демократски сили).



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.