Ömer Tuğrul Çam
09 Септември 2022•Ажурирај: 10 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнаа дека сакаат Туркије (Турција) и Грција да ги решат своите разлики преку дијалог, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Блинкен и Столтенберг присуствуваа на состанокот на Северноатлантскиот совет во седиштето на НАТО во Брисел.
По состанокот на заедничката прес-конференција, Блинкен одговори на прашањето за тензиите меѓу Туркије и Грција.
„Двете земји се витални сојузници и пријатели на Соединетите Американски Држави. Тие имаат разлики. Ние би сакале овие разлики да се решаваат конструктивно преку дијалог. Така се случуваше во минатото. Очекуваме повторно да ги решат на овој начин“, нагласи Блинкен.
Оценувајќи го членството на Шведска и Финска во НАТО, Блинкен рече дека постои широк консензус меѓу сојузниците за членство и оти верува дека процесот напредува.
Меѓу другото, Блинкен истакна дека сите треба да се фокусираат на Русија и дека оваа земја претставува закана надвор од трансатлантскиот сојуз.
- НАТО упати повик за дипломатија -
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, рече: „Туркије и Грција се два многу вредни сојузници. Тие придонесуваат за НАТО на многу различни начини. Разликите меѓу нив секако мора да се решат преку дипломатски средства.“
Столтенберг потсети и дека во НАТО е воспоставен механизам за намалување на напнатоста, со цел да се спречи каква било опасна ситуација меѓу Туркије и Грција и дека тоа се користело и претходно.