Ahmed Asmar
28 Декември 2024•Ажурирај: 29 Декември 2024
САНА (АА) - Јеменската група Хуси објави дека е извршен нов американско-британски воздушен напад врз главниот град Сана во петокот вечер, во услови на регионални тензии поради геноцидната војна на Израел во Појасот Газа, известува Анадолу.
Телевизијата Ал-Масира, управувана од Хусите, соопшти дека цел на нападот бил „Паркот 21 септември“ во населбата Мааин во Сана.
Телевизискиот канал, сепак, не даде детали за евентуални повредени или причинетата штета од нападот.
Вашингтон и Лондон не дадоа коментар во врска со веста.
Нападот се случи еден ден по воздушните напади на израелските воени авиони врз Сана и врз крајбрежната провинција Ал-Худајда во западен Јемен во четвртокот.
Хусите ги гаѓаа израелските товарни бродови или оние поврзани со Тел Авив во Црвеното Море со проектили и беспилотни летала во знак на поддршка на Појасот Газа, каде што Израел спроведува геноцидна војна во која уби над 45.400 Палестинци од 7 октомври 2023 година.
Од почетокот на 2024 година, коалицијата предводена од САД спроведува воздушни напади за кои вели дека се насочени врз позиции на Хусите во делови на Јемен.