Vesna Besic
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
ДОЛИНАТА НА СМРТТА
Голем број домашни и странски туристи ја посетуваат Долината на смртта (Death Valley), пустинска долина која се наоѓа на јужниот дел на американската држава Калифорнија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Се смета за едно од најсушните и најтопли места во светот.
Долината на смртта е најголем национален парк во САД со 3,4 милиони хектари пустинска површина.
Долината на смртта го доби називот по група трагачи на злато кои патувале кон Калифорнија во 1849 година. Оваа долина случајно им се нашла на патот. Тие скршнале од вистинскиот пат со надеж дека ќе најдат пократок пат, но наместо тоа, морале да се спуштат низ гола, целосно исушена долина од која немало видлив излез.
Една жена подоцна напишала дека нејзините момчиња храбро се држеле, иако едвај можеле да зборуваат од што им биле суви и отечени устата и јазикот. Двајца од групата пронашле излез од долината и се вратиле по останатите. Кога ја напуштиле долината, еден од нив извикал: „Збогум, Долино на смртта!“ Така овој назив е задржан.
И покрај нејзиното мрачно име, Долината на смртта не е без живот - растителен, животински и човечки, но тие се приспособени на суровите услови. Таа е дом на домородните американски племиња, животни и растителни видови што се над 1.000, од кои 23 ендемични видови кои не растат на ниедно друго место во светот.