Ahmet Gürhan Kartal
20 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
ЛОНДОН (АА) - Повеќе од 20 руски дипломати денеска ја напуштија Велика Британија, откако британската премиерка Тереза Меј нареди нивно протерување поради труењето на поранешниот руски агент и неговата ќерка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дипломатскиот персонал и членовите на нивните семејства денеска напладне ја напуштија зградата на руската Амбасада во Лондон, како одговор на труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен гас развиен во Советскиот Сојуз.
Автобусот со 23 руски дипломати се упати кон воздухопловната база „РАФ Нортхолт“, од каде што руските државјани одлетаа за Москва.
Најголемото протерување на странски дипломати во Велика Британија уште од времето на Студената војна се случи откако Русија одби да објасни како нервниот агенс развиен во Советскиот Сојуз бил употребен за труење на поранешниот шпион во британскиот Салисбери на 4 март.
Таткото и ќерката и понатаму се наоѓаат во критична состојба. Тие беа хоспитализирани откако биле пронајдени во бессознание на клупа пред трговскиот центар во град во јужниот дел на Англија.
Русија негираше каква било вмешаност во инцидентот и одговори со одлуката за протерување на 23 британски дипломати. Москва, исто така, ја обвини Велика Британија дека не сака да даде примерок од супстанцијата за понатамошно тестирање.
Скрипал во 2006 година беше осуден за шпионирање за британската разузнавачка агенција МИ6. Тој беше осуден на 13 години затвор во Москва и беше ослободен во 2013 година во американско-руската шпионска размена.