Elena Teslova
14 Јули 2022•Ажурирај: 17 Јули 2022
МОСКВА (АА) - Квадрилатералните разговори во Истанбул за украинскиот извоз на жито доведоа до напредок кон „можни договори“, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, изјави дека имало суштински разговори за ова прашање меѓу четирите страни - Русија, Украина, ОН и Туркије.
„Страните успеаја да формулираат некои елементи за можни договори, кои сега ги разработуваат Русија, Украина и Туркије“, рече таа на прес-конференција во Москва.
„Преговорите треба да продолжат во истиот формат подоцна“, додаде таа.
По вчерашниот состанок, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, рече дека разговорите биле „позитивни и конструктивни“, при што сите страни се согласиле да се формира координативен центар во Истанбул за да се олесни извозот на жито од Украина.
Тој рече дека учесниците нашле заеднички јазик за техничките прашања, како што е безбедноста на транспортни патишта за бродови со жито, како и заедничките контроли при влез и излез од пристаништата.
„Украинските и руските официјални лица ќе се соберат повторно во Туркије наредната недела за да ги разгледаат деталите и да потпишат документи за официјализирање на договорот“, додаде Акар.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски, исто така, потврди дека има напредок во однос на ова прашање, заблагодарувајќи им се на ОН и на Туркије за нивните напори.
Тој рече дека во текот на наредните денови ќе преговараат за деталите со шефот на ОН, Антонио Гутереш.
Гутереш го поздрави договорот за олеснување на украинскиот извоз на жито како „зрак на надеж за олеснување на човечкото страдање и ублажување на гладот низ светот“.
Тој, исто така, нагласи дека „сега ќе биде потребна повеќе техничка работа“ за финализирање на договорот.
„Но, моментумот е јасен... Охрабрен сум. Јас сум оптимист, но ова сè уште не е целосно завршено“, рече тој.
- Нормализација меѓу Туркије и Ерменија
„Русија е подготвена да ја понуди сета можна помош за нормализација меѓу Туркије и Ерменија“, изјави Захарова на прес-конференцијата.
Таа потсети дека Русија одиграла клучна улога во започнувањето на процесот на нормализација, при што првиот состанок на турските и ерменските претставници беше одржан во Москва на 14 јануари.
„Подготвени сме да продолжиме да го поддржуваме турско-ерменскиот дијалог и да му дадеме секаква можна помош. Сметаме дека ова е во интерес на регионалната стабилност и економскиот просперитет“, рече таа.
За неодамнешното проширување на НАТО, Захарова нагласи дека Русија ќе ги преземе сите неопходни мерки доколку влезот на Финска и Шведска доведе до појава на закани во Балтичкото Море.