Dmitri Chirciu
22 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
МОСКВА (АА) - Русија одговори со санкции на одлуката за санкции на Европската Унија (ЕУ) кон земјата поради наводното труење на лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи потсетуваат дека ЕУ претходно воведе санкции кон Русија за наводното труење на Навални, додавајќи дека таквата постапка на Брисел е целосно неприфатлива.
„Земјите што го презедоа овој чекор не им доставија на руските власти никакви докази за ова прашање“, се наведува.
Се додава дека Москва одлучила да ја прошири листата на санкции, која вклучува и претставници на земји членки на ЕУ, на кои им е забранет влез во Русија.
Од руското Министерство за надворешни работи наведуваат дека испратиле писмо за оваа одлука до амбасадите на Германија, Франција и Шведска во Москва и до Мисијата на ЕУ.
„Во иднина повторно ќе одговориме на непријателските чекори на западните земји“, стои во соопштението.
ЕУ пред два месеца донесе одлука за воведување санкции за шест лица и една институција од Русија поради труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Откако министрите за надворешни работи на ЕУ постигнаа консензус за санкциите на состанокот во Луксембург, амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел постигнаа договор за институциите и поединците што ќе бидат санкционирани за случајот со труењето на Навални.
Според тој договор, воведени се санкции за шест службеници на Руската разузнавачка служба и за Институтот за органска хемија и технолошки истражувања на Русија. Санкциите предвидени за овие поединци и за институцијата вклучуваат забрани за патување и замрзнување на имотот.
На Навални, гласен критичар на рускиот претседател Владимир Путин, му се слоши на 20 август, на летот од сибирскиот град Томск кон Москва. Авионот слета итно во Омск, а Навални итно беше пренесен во болница, каде што помина два дена пред да биде испратен на лекување во Берлин. Навални тврдеше дека бил отруен од нешто измешано во чајот.
На 22 август, Навални итно беше пренесен во болницата „Шарите“ во Берлин. Портпаролот на германската Влада, Штефен Сиберт, на 2 септември изјави дека Навални бил отруен од хемиски агенс од групата новичок. Сиберт на 14 септември изјави дека две независни лаборатории во Шведска и Франција потврдиле дека Навални бил отруен. Русија упорно ги негира обвинувањата за труење.
Болницата „Шарите“ на 7 септември соопшти дека Навални закрепнува и дека веќе не е во кома. Неговиот тим претходно тврдеше дека материја од групата новичок била пронајдена и на шише со вода од хотелската соба во Томск, каде што престојувал. Навални беше отпуштен од болницата во Берлин на 23 септември.