Elena Teslova
12 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
МОСКВА (АА) – Воени бродови од Русија, Иран и Кина учествуваа во поморската вежба „Поморски безбедносен појас 2025 година“ во Оманскиот Залив, каде што симулираа преглед и ослободување на брод „запленет од терористи“, соопшти денес руското Министерство за одбрана, јавува Анадолу.
Русија на вежбата беше претставена од корветите на Пацифичката флота „Резки“ и „Херој“ на Руската Федерација Алдар Циденжапов“, како и од средниот морски танкер „Печенга“, се наведува во соопштението.
„Во текот на два дена екипажите на воените бродови изведоа дневни и ноќни боеви гаѓања, користејќи тешки митралези и лесно вооружување за да погодат цели што симулираа бродови без екипаж и воздушни дронови на замислен противник“, се додава во извештајот.
Како дел од вежбата здружените сили трагаа по брод „запленет од симулирани терористи“ и спроведоа координирана операција за негово ослободување.
„По успешното завршување на поморската фаза од вежбите, бродовите се вратија во пристаништето Чабахар во Исламската Република Иран, каде што ќе се направат финалните процени и ќе се одржи завршната церемонија“, се вели во соопштението.