Alma Çekovic
01 Април 2018•Ажурирај: 02 Април 2018
МОСКВА (АА) - Аман Тулеев, долгогодишниот гувернер на сибирската област Кемерово, каде што во пожар минатата недела загинаа 64 лица, поднесе оставка, јавува Anadolu Agency (AA).
Тулеев изјави дека поднесувањето на оставката од функцијата гувернер е исправна, совесна и вистинска одлука по несреќата во трговскиот центар во градот Кемерово.
Одлуката за оставка ја соопшти во видео кое беше објавено на страницата на регионалната администрација.
Според светските медиуми, функцијата на гувернер Тулеев ја извршува од 1997 година, а меѓу загинатите во пожарот наводно се наоѓала и неговата внука.
Меѓу 64 лица кои ги загубија животите во пожарот во трговскиот центар во Кемерово има 41 дете, соопшти претходно Министерството за вонредни состојби на Русија.
Објавата доаѓа во период кога на плоштадот во Кемерово се собраа илјадници луѓе кои бараа да им се каже вистинскиот број на жртви од пожарот во трговскиот центар.
Според наводите на демонстрантите, во неделата, во моментот кога избил пожарот, во четирикатниот трговски центар имало околу 1.500 луѓе. Демонстрантите извикуваа „Вистината, вистината“, обвинувајќи ги властите дека ги кријат фактите и побараа од гувернерот на Кемерово да им одговори на прашањата.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Кемерово, каде што оствари средба со локалните власти. Тој рече дека трагедијата се должи на криминална негрижа и немарност.
Путин, 28 март го прогласи за ден на национална жалост поради трагедијата во Кемерово.
Пожарот во трговскиот центар „Зимска вишна“ започна на последниот кат во близина на киното и детската игротека, а потоа се прошири и зафати околу 1.600 квадратни метри од објектот.
Дванаесет лица беа спасени, додека стотици беа евакуирани.
Поради трагедијата, Руската истражна комисија отвори две кривични истраги за непочитување на противпожарната заштита и убиство од небрежност.