Abdullah Aşıran
19 Јули 2018•Ажурирај: 20 Јули 2018
РОТЕРДАМ (АА) - Министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, давајќи расистички изјави во врска со имигрантите, рече дека расизмот се наоѓа во гените на луѓето, јавува Anadolu Agency (AA).
Според видеата што ги објави холандската Програма за истражување „Зембла“, министерот Блок минатата недела се состанал со Холанѓаните кои работат во меѓународни институции.
Лицето кое ги доставило видеоматеријалите и сакало да остане анонимно, истакнало дека поголемиот дел од учесниците на состанокот биле шокирани од изјавите што ги дал министерот.
Во видеоматеријалите, министерот Блок изјавува дека не знае за земја во која се живее мирно, а има голем број имигранти. „Дајте ми еден пример во кој групи од различни етнички заедници живеат заедно во мир. Јас не знам. Ова прашање им го поставив и на службениците во Министерството“, вели Блок на снимката.
Подоцна, еден од учесниците како пример на заеднички живот на различни етнички групи го посочува Суринам. На тоа Блок одговора: „Зарем Суринам е мирна земја? Храбра изјава. Се воодушевив од твојот оптимизам, но Суринам не е мирна земја. Причина за тоа е сериозната етничка поделба во земјата.“
На изјавата на друг учесник на средбата, кој како пример го дава Сингапур, министерот Блок одговора: „Сингапур е мала земја и имигрантите се крајно селектирани. Жителите на Сингапур не земаат сиромашни имигранти. Можеби за работи поврзани со чистење.“
- „Доколку живееш таму, тогаш си екстремно вознемирен“
Министерот Стеф Блок, на видеоснимката изјавува дека расизмот се наоѓа во гените на луѓето и дека пристигнувањето на голем број имигранти во земјата, врши притисок врз границата на трпение на локалното население.
„Најверојатно, длабоко во нашите гени, секој сака да биде со одредена група, а со странците не можеме да воспоставиме контакт“, кажува Блок, посочувајќи на некои места во земјата во кои има многу имигранти.
Изјавувајќи дека може да го разбере локалното население кое живее во тие подрачја, министерот Блок вели: „Доколку живееш во Бенорденхаут (населба во Хаг во која претежно живеат Холанѓани), и во недела заминеш да купиш леб од турска фурна, тоа е навистина многу убаво нешто, не ти пречат случувањата во околината, меѓутоа, доколку живееш таму, тогаш си екстремно вознемирен.“
Блок истакнува дека не верува дека ќе се постигне договор според кој секоја земја од Европа ќе прифати ист број бегалци. „Европејците на исток, тоа никогаш нема да го прифатат. Тоа не треба ниту премногу да се форсира. Да кажеме дека прифатиле; Погледнете на улиците на Варшава и Прага, таму не можете да пронајдете имигранти. По една недела, бегаат оттаму, бидејќи најверојатно се жртви на насилство. Тие немаат шанси за живот таму“, коментира Блок.
Министерот Блок, во врска со видеоматеријалите, даде писмено соопштение во кое вели дека на состанокот на кој учествувал, во делот на прашања и одговори, отворено дискутирал со учесниците, истакнувајќи дека се извинува доколку неговите впечатливи изјави вознемириле некои луѓе.