Elena Teslova
21 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Кремљ ги призна украинските региони Доњецк и Лугањск како независни држави и потпиша договори со сепаратистичките лидери од тие региони, потег што дополнително ќе ги зголеми тензиите во регионот и пошироко, јавува Агенција Анадолија (АА).
По обраќањето до нацијата, Путин во Кремљ потпиша декрет за признавање на независноста на сепаратистичките власти во источна Украина и со водачите на сепаратистите потпиша договори.
Во обраќањето Путин рече дека ќе побара од рускиот Парламент веднаш да ги признае новопотпишаните договори со таканаречените народни републики во Доњецк и Лугањск, кои претходно во тие региони во источна Украина ги прогласија проруските сепаратисти.
Тој ја повика Украина „да ги запре непријателствата во регионот на Донбас“ и додаде дека во спротивно „одговорноста за она што се случува“ ќе падне врз челниците во Киев.
Објаснувајќи ја својата одлука, Путин рече дека заканата за Русија се должи на воениот развој на Украина од страна на НАТО, што, како што рече, веќе се случува.
„Со инфраструктурата што остана од Советскиот Сојуз и технолошката поддршка од Западот, Украина лесно може да развие нуклеарно оружје“, рече Путин и додаде дека Украина е под контрола на странски сили.
„Донбас историски отсекогаш бил дел од Русија“, рече Путин и додаде дека распадот на Советскиот Сојуз претставувал ограбување на Русија.
Во обраќањето до нацијата Путин исто така изнесе тврдење дека модерна Украина е создадена од Русија како резултат на болшевичката политика.
Тој истакна дека „украинските олигарси“ не се грижат за благосостојбата на народот, туку за да им служат на геополитичките интереси на Западот.
Путин понатаму рече дека поранешната советска република Украина не успеала да развие стабилна државност, туку дека продолжува со копирање на западните системи.
„Давањето право на државите да се отцепат од СССР беше мина поставена на неговиот темел“, рече Путин и додаде дека болшевиците се одговорни за распадот на СССР поради грешките што ги направиле во различни периоди.
Тој истакна дека во Украина не постојат независни судови, додавајќи дека судовите служат за сузбивање на слободата на говорот.
Путин рече дека „националистите“ кои дошле на власт во Украина довеле до граѓанска војна, економска и социјална криза, поттикнувајќи огромен егзодус на населението од земјата.