Hakan Ceyhan Aydoğan
15 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
МОСКВА (AA) - Претседателот на Русија Владимир Путин телефонски разговараше со новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Кремљ се наведува дека Путин во текот на разговорот упати честитки до Трамп на изборот за претседател на САД.
Исто така додаде дека е подготвен да развива дијалог со новата американска администрација на принципите на еднаквост, меѓусебно уважување како и немешање во внатрешни прашања.
Путин и Трамп во таа прилика потсетија дека односите на Русија и САД се на недоволно ниво, нагласувајќи ја потребата од заеднички напори за нормализација на односите и враќање на конструктивна соработка.
Двајцата претседатели ја нагласија важноста за развојот на трговската и економската соработка за да билатералните односи се постават, како што порачаа, на сигурни темели.
Путин и Трамп разговараа и за сириската криза, во таа прилика нагласувајќи ја потребата за соработка во борбата против глобалниот тероризам за кој рекоа дека е „заеднички непријател број еден".
Во соопштението на крајот се додава дека двајцата лидери се сложија дека е потребно да продолжат со телефонски разговори, како и наредниот период да одржат и непосредна средба.