Muhammed Emin Canik,Qais Omar Darwesh Omar
15 Мај 2024•Ажурирај: 16 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Дваесетгодишен Палестинец е убиен за време на интервенцијата на израелската војска во протестите организирани по повод 76-годишнината од Накба (Големата катастрофа) на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека еден Палестинец е убиен во близина на северниот влез во градот Ал Бира на окупираниот Западен Брег при интервенцијата во која израелските војници користеле боева муниција.
Државната палестинска новинска агенција ВАФА објави дека станува збор за 20-годишниот Ејсер Мухамед Сафи, студент на Универзитетот Бирзеит.
Очевидци рекоа дека избила тепачка меѓу израелските војници и Палестинците за време на демонстрациите одржани по повод годишнината од Накба во близина на Рамала и Бира.
Во нападите на израелските војници и илегалните еврејски доселеници на окупираниот Западен Брег и Источен Ал Кудс (Ерусалим) од 7 октомври 2023 година, кога започнаа нападите врз Газа, убиени се 499 Палестинци.
Секоја година на 15 мај Палестинците ја одбележуваат годишнината од Накба или „Големата катастрофа“, кога во 1948 година вооружените ционисти протераа стотици илјади луѓе од нивните домови и земја.
За време на Накба израелските сили насилно отстранија и протераа околу еден милион Палестинци, уништени се 675 села и градови што им припаѓаа на Палестинците, а илјадници Палестинци се убиени.