Продолжуваат спасувачките операции во поплавениот северозападен Пакистан, бројот на починати се зголеми на 670
Со најновите човечки жртви предизвикани од големите поплави што ја погодија северозападната покраина Хајбер-Пахтунква во петокот, вкупниот број на загинати се зголеми на 670, откако првите монсунски дождови ја погодија јужноазиската земја на 26 јуни.

КАРАЧИ (АА) - Спасувачите поддржани од армиските трупи и локалните волонтери денес продолжија да копаат низ урнатините во неколку области во северозападен Пакистан, каде што поплавите однесоа цели села, мостови и друга инфраструктура, при што загинаа над 350 луѓе во текот на изминатите четири дена.
Со најновите жртви од масовните поплави што ја погодија северозападната покраина Хајбер-Пахтунква во петокот, вкупниот број на жртви се искачи на 670 откако првите монсунски дождови ја погодија јужноазиската земја на 26 јуни.
Обраќајќи се на прес-конференција во главниот град Исламабад денес, генерал-потполковник Инам Хајдер, раководител на Националниот орган за управување со катастрофи (НДМА) во земјата, изјави дека околу 1.000 луѓе се повредени во несреќите поврзани со дождовите и поплавите низ целата земја од 26 јуни.
Инам рече дека властите постојано работат на расчистување на патиштата и пуштање на електричната енергија во областите погодени од поплавите.
Поројните дождови продолжија во Пешавар, главниот град на покраината, како и во соседните области Сваби и Ношера, а нов монсунски бран се приближува кон областите Бунер, Сват, Шангла и Маншера, кои се погодени од поплави.
Во обилните дождови денес животите ги загубија две девојчиња во округот Харнаи во југозападната покраина Белуџистан.
Властите стравуваат од зголемување на бројот на жртви бидејќи Фараз Мугал, портпарол на Владата на Хајбер Пахтунхва, за новинарите изјави дека најмалку 200 лица сè уште се водат како исчезнати.
Поголем број од исчезнатите лица се од најтешко погодениот округ Бунер, каде што од петокот се потврдени 220 смртни случаи.
„Овде состојбата е повеќе од застрашувачка. Ништо не остана, освен купови урнатини и огромни карпи фрлени од поплавните води“, изјави за Анадолу официјален претставник од фондацијата „Ал-Хидмат“, една од најголемите агенции за помош и спасување во земјата, од округот Бунер Фазал Маабуд.
Тој рече дека спасувачите и волонтерите се обидуваат да ги лоцираат исчезнатите лица, а се верува дека тие се заробени под урнатините бидејќи дождот и планинскиот терен ги попречуваат спасувачките напори.
Неколку хуманитарни организации, заедно со НДМА и фондацијата „Ал-Хидмат“, пратија хуманитарна помош во погодените области.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.