Muhammed Emin Canik
09 Ноември 2019•Ажурирај: 11 Ноември 2019
БУЕНОС АИРЕС (AA) - Во Чиле продолжуваат насилните антивладини протести против зголемувањето на трошоците за живот во таа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во градовите низ земјата народот веќе со денови е на улиците и го изразува незадоволството од работата на актуелната Влада на претседателот Себастијан Пинера. Во главниот град Сантјаго илјадници демонстранти се собраа на централниот Градски плоштад „Италија“.
Иако е упатен повик до граѓаните протестите да бидат од пасивен карактер, повремено доаѓа до судир на демонстрантите и полицијата.
Чилеанските медиуми наведуваат дека на Плоштадот „Италија“ на пасивниот протест се собрале 75.000 граѓани. Наведено е и тоа дека група со маски на лицата учествува во насилство.
Група демонстранти упаднаа во црквата „Ла Асунсион“, ја ограбија, а потоа целокупниот мебел го исфрлија на улица и го запалија, за да направат барикада кон полицијата.
Антивладините протести, кои почнаа како реакција на сега запрениот пораст на цените на превозот за четири отсто, се претворија во улично насилство на 19 октомври. Во текот на немирите уништени се речиси 50 метро станици и запалени се 26 автобуси.
Низ Чиле досега загинаа 23 лица, повредени се 1.218, а уапсени се околу 10.000 луѓе.
Настојувајќи да ги запре уличните собири, претседателот Пинера најави отстапки, вклучувајќи откажување од зголемувањето на цената на превозот. Вети и зголемување на минималната плата и ставање на чекање до следната година на поскапувањето на електричната енергија. Но протестите не запреа.
Податоците на Државната управа за статистика говорат дека половина од чилеанските работници месечно заработуваат 550 долари (околу 500 евра) или помалку.