?????
11 Јануари 2016•Ажурирај: 12 Јануари 2016
ПАЛМА ДЕ МАЈОРКА (АА) - Принцезата Кристина од Шпанија и нејзиниот сопруг денеска влегоа во судницата во Палма де Мајорка, каде што почна историскиот судски процес во кој на обвинителното столче за прв пат седат членови на кралското семејство, јавува Anadolu Agency ( АА).
Станува збор за судски процес во кој има 18 обвинети, меѓу кои и сестрата на кралот Филип VI, принцезата Кристина, обвинета за проневера на 6,2 милиони евра јавни пари, корупција и затајување данок.
Шпанското обвинителство за борба против корупцијата бара над 100 години затвор за осомничените а за најмладата ќерка на поранешниот крал Хуан Карлос, принцезата Кристина, за две обвиненија бара казна затвор во времетраење од осум години.
Првообвинетиот во случајот е нејзиниот сопруг, кој со седум обвиненија за злоупотреба на службената должност, корупција и проневера на пари може да се добие вкупно 19,5 години затвор.
Судот на претстојните рочишта ќе сослуша 363 сведоци, вклучувајќи го и поранешниот шеф на ММФ, Родриго Рато, поранешниот шпански министер за правда Алберто Руиз Галардо, поранешниот премиер на покраината Валенсија Франциско Кампс и поранешниот функционер на кралскиот двор Карлос Гарсија и Алберто Аза.
Истрагата за корупција во добротворната организација "Instituto Noos", предводена од војводата од Палма Урданагарин, започна во 2010 година.