İlayda Çakırtekin
26 Јануари 2026•Ажурирај: 27 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (AA) – Приватен авион со осум лица се урна доцна синоќа на меѓународниот аеродром „Бангор“, во североисточната американска сојузна држава Мејн, соопштија надлежните служби, јавува Анадолу.
„Авион од типот ‘Бомбардие Челинџер 600’ се урна при полетување од аеродромот 'Бангор' околу 19:45 часот по локално време, во недела, 25 јануари. Во авионот имаше осум лица. Федералната управа за авијација (FAA) и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) ќе спроведат истрага“, соопшти ФАА на американската платформа за социјални медиуми X.
„Ве молиме, избегнувајте го аеродромот. Во овој момент пистата е затворена“, соопшти претходно аеродромот во соопштението на социјалните мрежи.
Од аеродромот информираа дека инцидентот е предмет на истрага и дека екипите за итна помош се на терен.
Засега нема официјални информации за степенот на повредите на патниците.
Си-ен-ен, повикувајќи се на аудиоснимки од контролата на летање, објави дека пилотот добил дозвола за полетување од пистата 33, по што сообраќајот ненадејно бил прекинат, а контролорите пријавиле дека патнички авион се превртел, што довело до затворање на аеродромот и пристигнување на итните служби.
Според неофицијални информации, авионот бил регистриран на компанија со седиште во Хјустон.