Zafer Fatih Beyaz
28 Јуни 2022•Ажурирај: 29 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије (Турција), Реџеп Таип Ердоган, ќе има билатерални средби во Мадрид, главниот град на Шпанија, каде што ќе присуствува на Самитот на НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Се очекува претседателот Ердоган да се сретне со некои лидери на сојузничките и партнерските земји во Конгресниот центар ИФЕМА во рамки на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Мадрид.
Планирано е претседателот Ердоган да има средби со американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател, Емануел Макрон, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, шпанскиот премиер, Педро Санчез, германскиот канцелар, Олаф Шолц, холандскиот премиер, Марк Руте, австрискиот канцелар, Карл Нехамер, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Ердоган исто така ќе учествува и на квадрилатералниот состанок НАТО - Туркије - Шведска - Финска, на кој ќе учествуваат финскиот претседател, Саули Нинисто, шведската премиерка, Магдалена Андерсон, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На самитот, на кој ќе бидат разменети мислења на стратешко ниво соочени со заканите и предизвиците за евроатлантската безбедност, ќе се оценуваат рефлексиите на руско-украинската војна за Алијансата, а исто така ќе се разгледа структурата на НАТО за одвраќање и одбрана.
На самитот ќе се разговара и за барањата за членство на Финска и Шведска во НАТО и за одобрување на новиот документ за Стратешки концепт што ќе биде водич на идната работа на Алијансата.