Ekip,Michael Gabriel Hernandez
09 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Индискиот премиер Нарендра Моди и претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, разговараа за регионалните прашања и приоритети на двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Моди прв соопшти дека е извршен разговорот, наведувајќи на Твитер дека фокусот бил на „регионалните прашања и заеднички приоритети“.
„Договоривме и унапредување на соработката во борбата против климатските промени“, изјави Моди.
Белата куќа во одвоено соопштение наведе дека лидерите се договориле за обновување на партнерството, кога станува збор за климатските промени, за повторно воспоставување глобална економија што им користи на народите на двете земји и за заеднички став против глобалниот тероризам.
„Лидерите се договорија за продолжување на блиската соработка за промоција на слободен и отворен Индо-пацифички Регион, вклучувајќи ја поддршката за слободно движење, територијален интегритет и посилна регионална архитектура преку квадрилатерален безбедносен дијалог (Quad)“, се наведува во соопштението на Белата куќа, осврнувајќи се на неформалниот стратешки форум што го сочинуваат САД, Индија, Јапонија и Австралија.
Од Белата куќа изјавија дека Бајден и Моди ја истакнале важноста на владеењето на правото и демократскиот процес во Бурма, односно го употребија преферираното име за Мјанмар, каде што минатата недела дојде до воен удар.
Во втората објава на Твитер, Моди изјави дека тој и Бајден се посветени на меѓународниот ред базиран на правила.
„Се радуваме на зацврстувањето на нашето стратешко партнерство за унапредување на мирот и безбедноста во Индо-пацифичкиот Регион и пошироко“, напиша Моди.