Tufan Aktaş
21 Септември 2023•Ажурирај: 22 Септември 2023
ЊУЈОРК (АА)
Претседателот на Демократска Република Конго (ДРК), Феликс Чисекеди, ги повика мировните сили на Обединетите нации (ОН) да започнат со повлекување од неговата земја уште оваа година, јавува Анадолу.
Во обраќањето на 78. седница на Обединетите нации во Њујорк, претседателот на ДР Конго, Феликс Чисекеди, рече дека силите на ОН не успеале во мисијата за воспоставување мир во неговата земја.
Чисекеди истакна дека потпирањето на мировните сили на ОН било само измама.
„Време е нашата земја да преземе контрола над сопствената судбина и да стане главен актер на сопствената стабилност“, подвлече Чисекеди.
Тој рече дека во моментов водат преговори за почеток на повлекување на силите на ОН од декември.
Граѓаните на Демократска Република Конго повеќепати демонстрираа со барање Мисијата за стабилизација на ОН (MONUSCO) да ја напушти нивната земја. МОНУСКО е една од најголемите мисии на ОН во светот со околу 16.000 припадници.
Околу 50 луѓе загинаа по отворањето оган врз демонстрантите за време на протестот минатиот месец.
МОНУСКО, која во ДР Конго е присутна од 1999 година, соопшти дека предлогот за повлекување се разгледува во согласност со барањата.
Источното подрачје на ДР Конго, на границата со Руанда, Уганда и Бурунди, повеќе од 20 години е подрачје на напади и судири на вооружени групи кои се обидуваат да преземат контрола над рудниците за злато и кобалт.